III Семинар за наставници по хемија од средните училишта

Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, Скопје организираше семинар за наставници по хемија од средните училишта во Р. Македонија. Семинарот, на којшто присуствуваа 94 наставници, беше реализиран на Институтот за хемија на 26.03.2016 година (сабота). Основната цел на Семинарот беше професионален развој на наставниците и збогатување на нивното експериментално искуство, како и размена на идеи меѓу сите учесници на Семинарот.

Темата на Семинарот беше „Експериментирање со прирачни средства“. Беа одржани три предавања во следниов редослед:
Проф. д-р Владимир Петрушевски – Експериментирање со прирачни средства (преглед и примери)
Доц. д-р Марина Стојановска – Малите тајни на големите експериментатори
Група на (не толку) среќни хемичари – Демонстрациони експеримети со примена на прирачни средства

Во рамките на Семинарот се одржаа и две работилници, во кои активно учество земаа сите учесници. Активностите планирани за овие работилници беа во врска со изведување хемиски експерименти со прирачни средства бидејќи еден од најголемите проблеми со кој се сретнуваат наставниците при реализација на наставата е недостатокот од средства за експериментирање. Раководители на работилниците беа Проф. д-р Слоботка Алексовска, Доц. д-р Марина Стојановска и студентите по хемија од Групата на (не толку) среќни хемичари.

Последната сесија на Семинарот беше насловена „Од наставниците за наставниците“. Во овој дел тројца наставници по хемија од средните училишта имаа можност да го пренесат нивното искуство елаборирајќи еден експеримент од нивната наставна практика. Во оваа прилика, изразуваме благодарност до: Ела Билинска од СУГС „Никола Карев“ од Скопје, Александра Царовска од ОСУ „Ацо Русковски“ од Берово и Нада Јанковиќ од СУГС „Георги Димитров“ од Скопје.

Искрено се надеваме дека експериментите кои беа изведувани за време на семинарот ќе го најдат своето место во наставата по хемија за учениците од средните училишта и со тоа ќе ги зголемат интересот и љубовта на учениците кон хемијата.

Поради големиот интерес на наставниците за ваков вид комуникација и доедукација, Секцијата за хемиско образование при СХТМ планира да организира вакви семинари еднаш годишно.

Срдечен поздрав, 
Секција за хемиско образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија,
e-mail: seminar.hemija@gmail.com

Презентации одржани на семинарот:

 

Вести