Натпревари по хемија 2020/2021

Соопштение
17.02.2021

Почитувани ученици и наставници,

пријавувањето за овогодишниот натпревар по хемија за учениците од средните училишта во Македонија во организација на Секцијата за хемиско образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (акредитирано здружение од МОН) е отворено.
Правилата се дефинирани во Правилникот за организација и реализација на натпреварите (даден подолу), а основните принципи на натпреварите си остануваат исти:
- натпреварот се одржува во 4 категории дефинирани според програмата по хемија за гимназиско образование:  I, II, III и IV година/категорија (стручните училишта треба да се вклопат во овие категории според изучуваните теми наведени на веб страницата на БРО);
- право на пријавување за општински натпревар има секој ученик од средно училиште во Македонија;
- пријавувањето го координира наставникoт-ментор, кој пополнува електронска пријава за секој ученик на дадената веб страница (задолжително да се внесат е-mail адреси и од учениците и од наставниците).
За оваа година, Државната комисија за натпревари по хемија во консултации со наставниците по хемија од основните и средните училишта донесе одлука  општинските натпревари да се организираат online, но со физичко присуство во училиштата. Натпреварот ќе се организира во секое училиште од каде што ќе има пријавени ученици со следење и снимање на текот на натпреварот преку платформата MS Teams за да се обезбеди објективност и веродостојност на постигнатите резултати.
Општинските натпревари ќе бидат организирани на 2 април од 12 часот, а во зависност од бројот на пријавени ученици во сите 4 категории може да има и втор термин за тестирање (од 14 часот). За организацијата на натпреварот и почитувањето на здравствените протоколи ќе биде одговорен наставникот – координатор, секој во своето училиште. За непречено одвивање на натпреварот ќе биде потребен компјутер или таблет за секој натпреварувач, по еден компјутер со камера и микрофон во секоја училница и стабилна интернет врска.
За учество на натпреварот се плаќа котизација од 300 денари за секој ученик. Пример за уплатница е даден подолу. Внимавајте при пополнување на цел на дознака: Име и презиме на ученикот (натпреварувач), училиште и категорија. Уплатата треба да се направи најдоцна до 15.03.2021 година.
Учениците кои минатата година се пласираа за регионален натпревар, оваа година се ослободени од плаќање на котизација, но мора да се пријават!

Формуларот за пријавување може да го пополните ТУКА.

Задолжително треба да се внесе точен e-mail на секој ученик.
Веб регистрацијата ќе биде отворена до 05.03.2021 година во 18:00 часот!

За уплата со фактура обратете се со барање за фактура на e-mail: natprevar.hemija@gmail.com најдоцна до 05.03.2021 година и наведете за кое училиште и за кои ученици е фактурата.

Темите за општински натпревар се според скратената програма и тоа за:
- I година: заклучно со јонска и ковалентна врска,
- II година: заклучно со протолитички реакции и pH,
- III година: заклучно со алкохоли,
- IV година: биохемија и хемиско сметање (повторување од I година).
За регионален и државен натпревар за I, II, III и IV категорија треба да се совлада и кусиот дополнителен материјал со цел проширување на знаењата од темите кои се изучуваат во соодветната година (даден подолу),

ПРИЈАВЕТЕ СЕ И ПОДГОТВУВАЈТЕ СЕ!

Срдечен поздрав,
Секција за хемиско образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија

Соопштение
02.02.2021

Почитувани ученици и наставници,


Ве информираме дека оваа година, Секцијата за хемиско образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, акредитирано здружение од МОН, ќе ги организира и реализира натпреварите по хемија за учениците од средно образование водејќи грижа за актуелните околности.


Во договор со акредитираните здруженија од МОН за организирање на натпревари за учениците од средните училишта по наставните предмети хемија, биологија, физика, математика и информатика,
термините за натпреварите по хемија за учениците од средните училишта за 2020/21 година година се:

  • 2 април 2021 година – општински натпревари,
  • 7 мај 2021 година – регионални натпревари,
  • 28-30 мај 2021 година – државен натпревар.

Детали за пријавувањето, организацијата и реализацијата ќе бидат наскоро објавени.


ПОДГОТВУВАЈТЕ СЕ И СЛЕДЕТЕ ГИ ИЗВЕСТУВАЊАТА!

 

 

14-ти Студентски конгрес на СХТМ

30 септември до 2 октомври, 2021, Скопје

Вести