Според сеќавањата на проф. Христо Стамболиев во 1947 година формирано е друштво на хемичарите и технолозите како асоцијација на научниците и истражувачите кои се активни во хемијата, применетата хемија и технологијата, подоцна преименувано во Сојуз на хемичарите и технолозите на Македонија. Сојузот е дел на Инженерската институција на Македонија (ИМИ) и е членка на Европско хемиско друштво (EuChemS).

Во рамките на Сојузот има: секција за терминологија и номенклатура, кристалографија, полимери и образование.

Финансиските средства на Сојузот се донации од Министерството за наука и образование на Македонија односно некои факултети и универзитети во Македонија, како и донации од стопанството.



Вести

Почина Академик Бојан Шоптрајанов, учителот на многу генерации хемичари, научници и наставници по хемија!

 

На 10 август, 2024 година, во 87. година од животот, почина акад. Бојан Шоптрајанов, редовен член на МАНУ, кој целиот работен век го помина на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Беше еден од најактивните и најпродуктивните членови на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Покај организација на голем број научни собири, во 1973 година беше избран за прв главен и одговорен уредник на Гласникот на хемичарите и технолозите на Македонија. Првиот број излезе пред точно 50 години според прифатените критериуми од тоа време на Documenta Chemica Yugosalvica. Во еден период беше и претседател на СХТМ.

Акад. Бојан Шоптрајанов беше погребан на Градските гробишта „Бутел“, во Скопје, на 11 август 2024 година, во кругот на неговото најтесно семејство.
По повод смртта на акад. Бојан Шоптрајанов, Македонската академија на науките и уметностите ќе одржи Комеморативна седница на 16 септември 2024 година, во 11:00 часот.

Вечна слава на учителот на многу генерации хемичари, научници и наставници по хемија! Остануваат неизбришливи сеќавањата на неговиот лик и дух, лекции и корекции, дискусии и досетки!

Членарина за 2024 година

Почитувани колеги,

Ги молиме сите кои сакаат да бидат активни членови на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија во 2024 г. да уплатат членарина во вредност од 500 ден. Молиме уплатата да ја извршите најдоцна до крајот на февруари 2024 г. (членарината после овој рок ќе изнесува 700 ден.).

Котизацијата за студенти на додипломски студии на универзитетите во Македонија е 250 ден.

Котизацијата може да се уплати на жиро сметка (на ПП 30 уплатница) според податоците дадени подолу, или електронски со картичка преку следниот линк https://pay.elements.sctm.mk/ со избирање на опцијата custom price.

 –  цел на дознака: членарина 2024 за име и презиме

–  повикување на број на задолжување: 0

–  назив на примач: СХТМ Скопје

–  трансакциска сметка на примачот: 300000001352895

–  банка на примач: Комерцијална банка

–  износ МКД: 500

–  повикување на број на одобрување: членарина 2024 за име и презиме

–  шифра: 563

 

Со почит,

Проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на СХТМ

 

Посета на Дан Шехтман добитник на Нобелова награда по хемија во 2011

Почитувани колеги,

На следниот ЛИНК можете да го следите во живо предавањето на проф. д-р Дан Шехтман на Институтот за хемија.

 

СХТМ е коорганизатор на посетата на Дан Шехтман добитник на Нобелова награда по хемија за квазикристали во 2011 година кој ќе престојува во Македонија од 22 до 29 мај.

Ова е прв пат нашата земја да ја посети нобеловец од областа на природните науки и за сите нас тоа е неизмерно задоволство и чест.

На 23 мај во 10 h ќе одржи предавање на студентите и на наставниот кадар на Институтот за хемија при ПМФ. Technological Entrepreneurship - Key to World Prosperity and Peace.

На 25 мај ќе одржи предавање на Првата конференција на материјали на МАНУ. Quasi-Periodic Materials – A Paradigm Shift in Crystallography.

Повеќе за неговото откритие во врска со квазикристалите можете да најдете на следниот ЛИНК.

При посетата во Охрид на 28 мај ќе биде примен од претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.

 

Компанијата Џонсон Мети донираше примероци за Збирката хемиски елементи на Институтот за хемија при ПМФ

На 16 август 2022 година се одржа средба на Институтот за хемија на која покрај домаќините и Деканот на ПМФ, проф. д-р Александар Скепаровски, присуствуваа директорот на компанијата Џонсон Мети, г-динот Боријан Борозaнов и колеги хемичари, дипломирани на ПМФ, вработени во оваа компанија. Во оваа пригода, Природно-математичкиот факултет т.е. Институтот за хемија прими донација од неколку хемиски елементи. Со овој благороден гест, Џонсон Мети ја збогати уникатната Збирка на хемиски елементи и несебично придонесе во процесот на образование на квалитетни кадри. Донираните примероци се уште неколку камчиња во мозаикот што треба да го отсликува единствениот концепт на збирката според којшто изложените примероци од хемиски елементи имаат своја приказна со локално, македонско, но сепак и глобално значење (http://www.sctm.mk/ps/?page_id=1037&lang=mk).

 

На оваа средба, Деканот на ПМФ и Директорот на компанијата Џонсон Мети покрај другото, разговараа и за можностите за понатамошна соработка во насока на искористување на фондовите на Џонсон Мети во развојот на едукацијата на талентираните ученици и студенти на ПМФ. Овој настан на ПМФ, претставува уште една потврда на заложбите на Факултетот и компанијата Џонсон Мети во градењето на мостови меѓу едукативните институции и индустријата неопходни за трасирање на кариерата на студентите.

Со искрена благодарност, и надеж за понатамошна плодна соработка, им посакуваме успешна работа на вработените во компанијата Џонсон Мети!

 

Благодарница од ПМФ

Драги членови на СХТМ,

Со особено задоволство Ве известуваме дека по повод 75-годишнината од основањето на Природно-математичкиот факултет – Скопје и патронатот на Факултетот, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, денес, 16 декември 2021 година, беше одликуван со плакета во знак на признание и благодарност за успешната соработка и придонесот во развојот на научноистражувачката дејност и промоцијата на Факултетот.

Плакетата ја додели проф. д-р Александар Скепаровски, декан на ПМФ, а признанието го прими проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на СХТМ. Ова признание е резултат на долгогодишната работа и посветеноста на членовите на СХТМ. Во оваа прилика, искрено им се заблагодаруваме на сите членови за дадениот придонес кон успешноста на СХТМ, од самиот почеток до денес.

Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија ја изразува својата огромна благодарност до Природно-математичкиот факултет за соработката и севкупната поддршка, без којашто реализацијата на дел од активностите на СХТМ не би била возможна.

Со почит и благодарност,
СХТМ

 

 

 

16-ти Студентски конгрес на СХТМ

27–28 октомври, 2025, Скопје

Вести