I Семинар за наставници по хемија од основните училишта

Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, Скопје организираше семинар за наставници по хемија од основните училишта во Р. Македонија. Семинарот, на којшто присуствуваа 99 наставници, беше реализиран на Институтот за хемија на 26.11.2016 година (сабота). Основната цел на Семинарот беше професионален развој на наставниците, како и размена на идеи меѓу сите учесници на Семинарот.

Беа одржани две предавања во следниов редослед:
Проф. д-р Владимир Петрушевски – Експериментирање со прирачни средства (преглед и примери)
Доц. д-р Марина Стојановска – Магијата на хемијата

Во рамките на Семинарот се одржа и една работилница, во која активно учество земаа сите учесници. Активностите планирани за оваа работилница беа во врска со примена на ИКТ во наставата. Раководители на работилниците беа Проф. д-р Слоботка Алексовска, Доц. д-р Миха Буклески и Доц. д-р Сандра Димитровска-Лазова.

Последната сесија на Семинарот беше насловена „Од наставниците за наставниците“. Во овој дел четворица наставници по хемија од основните училишта имаа можност да го пренесат нивното искуство, елаборирајќи дел од нивната наставна практика. Во оваа прилика, изразуваме благодарност до: Кети Иваноска од ООУ „Гоце Делчев“, Прилеп; Тања Николовска од ООУ „Никола Карев“, Радовиш; Лилјана Трајкова од ООУ „Ацо Шопов“, Скопје и Александра Блажевска од ООУ „Јaн Амос Коменски“, Скопје.

Искрено се надеваме дека активностите реализирани за време на семинарот ќе го најдат своето место во наставата по хемија за учениците од основните училишта и со тоа ќе го зголемат интересот и љубовта на учениците кон хемијата.

Поради големиот интерес на наставниците за ваков вид комуникација и доедукација, Секцијата за хемиско образование при СХТМ планира да организира вакви семинари еднаш годишно. 

Срдечен поздрав, 
Секција за хемиско образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија,
e-mail: seminar.osnovno@gmail.com

 

Презентации одржани на семинарот:

ЕКСПЕРИМЕНТИРАЊЕ  СО  ПРИРАЧНИ СРЕДСТВА (ПРЕГЛЕД  И  ПРИМЕРИ)
Владимир М. Петрушевски

МАГИЈАТА НА ХЕМИЈАТА
Марина Стојановска

ПРИМЕНА НА ИКТ ВО НАСТАВАТА
Слоботка Алексовска, Миха Буклески и Сандра Димитровска-Лазова.

ЕЛЕКТРОЛИЗА НА ВОДА
Кети Иваноска

ПРИРОДНИ ИНДИКАТОРИ „ВОЛШЕБНИ ЦВЕТОВИ“
Тања Николовска

ДОМАШНАТА РАБОТА ВО НАСТАВАТА ПО ХЕМИЈА ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ
Лилјана Трајкова

ФЕР ТЕСТ
Александра Блажевска

27-ми Конгрес на СХТМ

25–28 септември, 2024, Охрид

Вести