Соопштение
02.05.2019

„Извојуван" бронзен медал во битката на титаните

Во оваа "Битка на титаните" како што ја нарече претседателот на олимпијадата академик Валериј В. Лунин 53-тата Меѓународна олимпијада по хемија – Менделеев, нашиот учесник Стефан Дамчевски успеа да освои бронзен медал. Оваа година Санкт Петербург беше домаќин на 29 држави меѓу кои и „хемиските титани" кои доминираат на хемиската сцена: Русија, Кина, Романија. Конкуренцијата е огромна, а фактот дека од некои силни конкуренти бројот на учесници е поголем (Русија и Украина - 11, Узбекистан и Казакстан - 8), освојувањето медал е исклучително тешка задача. Бројот на учесници на Менделеевата олимпијада е двојно помал во однос на Инатернационалната хемиска олимпијада (IChO), но квалитетот на натпреварувачите на Менделеевата олимпијада е значително поголем во однос на IChO. Според статистичките податоци, 90 % од освојувачите на медал на Менделеевата олимпијада, освојуваат медал и на Интернационалната олимпијада.

Македонскиот тим на церемонијата на отворање на „53-тата интернационална олимпијада по хемија – Менделеев“ (од лево кон десно: Стефан Дамчевски, Руфија Идризовска, Стефан Стојковиќ, Михаил Трајков, Миха Буклески).

Академик Василиј В. Лунин на теорискиот тел од натпреварот.

Што е подостоинствено за одбележувањето на 150 - годишнината на Периодниот систем од освојување на медал во градот каде неговиот креатор живеел и работел?!?

Важно е да се истакне заложбата на рускиот амбасадор во Скопје, неговата екселенција Сергеј Баздникин за обезбедените финансиски средства за учество на оваа олимпијада. Без неговата помош, нашиот тим ученици немаше да може да отпатува за Санкт Петербург. Оваа година, Македонија успешно се враќа на Менделеевата сцена, по 5 години пауза заради финансиски причини. Се надеваме дека во иднина Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ), кој е акредитиран за спроведување на циклусот натпревари, ќе добие финансиска помош од надлежните институции за овие активности и финансирањето ќе бидат системски решени.

Во подготовките и изборот на учениците за учество на хемиските олимпијади вклучен е голем тим професори од Институтот за хемија, членови на СХТМ. Дел од нив, врз основа на спроведениот селекционен натпревар, го направија изборот на четирите ученика кои ќе ја претставуваат нашата држава на олимпијадата Менделеев. Избраниот тим се состоеше од учениците:

  • Стефан Стојковиќ, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје
  • Руфија Идризовска, ПСУ „Јахја Кемал“, Гостивар
  • Стефан Дамчевски, ПСУ „Јахја Кемал“, Струга
  • Михаил Трајков, ССОУ „Димитрија Чуповски“, Велес

Нашите натпреварувачи на теорискиот и експерименталниот дел.  

Освојувачот на бронзен медал – Стефан Дамчевски со дел од членовите на комисијата.

Подготовките продолжуваат до изборот на тимот за најголемиот светски натпревар по хемија „Меѓународната олимпијада – IChO“. СХТМ им посакува успех на сите ученици кои се подготвуваат за овој натпревар.

Тимот по церемонијата на затворање на Менделеевата олимпијада (од лево на десно: Стефан Стојковиќ, Руфија Идризовска, Стефан Дамчевски, Михаил Трајков, Миха Буклески).

Соопштение
02.03.2019

Составен тимот кој ќе ја претставува нашата држава на Меѓународната олимпијада Менделеев

Денес, по завршување на експерименталниот дел од натпреварот, беа сумирани сите поени и беше составен тимот од четворицата најдобро рангирани ученици кои поминаа низ серија од теориски и експериментални подготовки на Институтот за хемија во Скопје. Почнувајќи од октомври 2018 година, беа одржани точно 150 наставни часа од 7 универзитетски професори од Институтот за хемија. 

Република Македонија за прв пат, организирано, според сите прописи и раководејќи се по протоколот поставен од организаторот на Интернационалната олимпијада Менделеев, ќе учествува на овој престижен натпревар. Инаку, од Република Македонија имало учесник во 2011, 2012 и 2013 година, но учеството било проследено со контроверзии. Според правилата на оваа олимпијада, претставниците од секоја земја треба да бидат избрани на транспарентен начин со организирање државен натпревар на кој имаат право да се пријават сите ученици од средните училишта. По барање на организаторот, членовите на македонската делегација не успеале да обезбедат документ со кој се докажувал начинот на избор на учесникот и соодветна акредитација од надлежните институции. 

Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) има акредитација за организирање натпревари по хемија и претставници на сојузот го организираа селекциониот натпревар за избор на четворицата најдобри ученици. На овој селекционен натпревар, претходеше квалификационен на кој од 30-те најдобри ученици (најдобро рангираните на последниот државен натпревар) беа избрани 12. Комисијата во состав:
- Доц. д-р Миха Буклески, 
- Доц. д-р Наташа Ристовска,
- Проф. д-р Слоботка Алексовска,
- Доц. д-р Јасмина Петреска-Станоева,
- Проф. д-р Билјана Пејова
- Проф д-р Марина Стефова
го спроведе натпреварот кој се состоеше од теоретски и експериментален дел. Ова е конечната ранг листа на сите 11 учесници:
1. Стефан Стојковиќ, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје
2. Руфија Идризовска, ПСУ „Јахја Кемал“, Гостивар
3. Стефан Дамчевски, ПСУ „Јахја Кемал“, Струга
4. Михаил Трајков, ССОУ „Димитрија Чуповски“, Велес
5. Александар Трајковски, СОУ „Крсте П. Мисирков“, Демир Хисар
6. Иван Попјанев, СУГС Гимназија „Орце Николов“, Скопје
7. Александар Петрески, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Прилеп
8. Никола Донов, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје
9. Ана Ѓаковска, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје
10. Сања Крстеска, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Прилеп
11. Викторија Дунимаглоска, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Прилеп

Интернационалната олимпијада Менделеев е продолжение на републичкиот натпревар кој се реализирал во рамки на поранешниот Советски Сојуз. По неговото распаѓање, овој натпревар продолжил да се одржува, но во облик на меѓународно натпреварување на кое, освен поранешните Советски републики, право на учество имаат сите земји од светот, но по претходна покана од страна на организаторот. Оваа година се очекува да учествуваат околу 30 земји од Европа, Азија и Блискиот Исток. До сега, освен земјите од „Источниот блок“ учествувале и Турција, Саудиска Арабија и Израел. За разлика од Меѓународната олимпијада по хемија, Менделеевата олимпијада е помалку посетена, а тоа се должи на тежината на проблемите и сериозноста на експерименталните задачи. Натпреварот се состои од два теоретски дела и еден експериментален. Вториот теориски дел е напредно ниво и обработува теми кои не се застапени во наставната програма по хемија за средно училиште. 

Оваа година Менделеевата олимпијада ќе се одржи во Санкт Петербург, Русија од 21 до 27 април. Домаќин може да биде само земја која порано била дел од Советскиот Сојуз. На чело на организацијата стои академик Василиј Лунин, професор на Државниот Московски Универзитет – Ломоносов. По негова покана, Република Македонија ќе учествува на ова значајно натпреварување. Возбудата и одговорноста е поголема имајќи го предвид фактот што оваа година е прогласена за Меѓународна година на Периодниот систем од страна на УНЕСКО, а натпреварот Менделеев е ставен на агендата настани кои влегуваат во одбележувањето на 150 годишнината од составувањето на Периодниот систем на елементите од страна на рускиот хемичар Димитриј Иванович Менделеев. 

За учеството на Менделеевата олимпијада, финансиите ги обезбедени Рускиот амбасадор, неговата екселенција Сергеј Баздникин, кој по средбата со претставници од СХТМ изрази безрезервна поддршка и разбирање за состојбата во која се наоѓа сојузот. Искрено се надеваме дека учеството на оваа олимпијада ќе биде континуирано, а Република Македонија редовно ќе има свои претставници на оваа манифестација. 

СХТМ им посакува голем успех на четворицата прворангирани, кои преку напорната работа и подготовки, успеаа да се изборат за најдобриот пласман. Истовремено ги охрабруваме сите учесници да продолжат да се подготвуваат напорно. Следува нов предизвик за сите 11 учесници.

Соопштение
22.12.2018

Резултати од квалификациониот натпревар

На квалификациониот натпревар кој се одржа денес (22 декември 2018 год.) присуствуваа 19 натпреварувачи кои имаа време од 5 часа да го решат тестот кој содржеше 8 комплексни проблеми од областа на неорганската, органската, аналитичката и физичката хемија. Четиричлената комисија, во состав:
- проф. д-р Билјана Пејова,
- доц. д-р Наташа Ристовска,
- доц. д-р Јасмина Петреска Станоева,
- доц. д-р Миха Буклески,
ги прегледа тестовите и го изврши рангирањето на учениците:

Име и презиме

присуство

тест

вкупно

 

 

5,00

95,00

100,00

1

Стефан Стојковиќ

5,00

78,80

79,86

2

Руфија Идризовска

5,00

61,30

63,24

3

Иван Попјанев

5,00

40,00

43,00

4

Стефан Дамчевски

0,00

42,00

39,90

5

Никола Донов

5,00

36,40

39,58

6

Александар Трајковски

5,00

30,80

34,26

7

Викторија Дунимаглоска

5,00

27,20

30,84

8

Александар Петрески

5,00

24,40

28,18

9

Сања Крстеска

5,00

24,20

27,99

10

Ана Ѓаковска

5,00

23,60

27,42

11

Михаил Трајков

5,00

21,20

25,14

12

Мила Ивановска

0,00

25,80

24,51

13

Стефанија Секулоска

5,00

18,80

22,86

14

Давид Гичев

3,50

16,30

18,99

15

Леонид Сајков

5,00

14,30

18,59

16

Ева Миленкова

5,00

13,20

17,54

17

Теона Тасеска

4,00

10,30

13,79

18

Давид Арсовски

5,00

8,00

12,60

19

Ана Пачемска

3,50

5,00

8,25

По кусата дискусија, комисијата едногласно одлучи, во понатамошните подготовки и процес на селекција, да продолжат 12-те прворангирани ученици. 

Комисијата и членовите на СХТМ им честитаат на сите учесници, воедно потсетувајќи ги дека тие се најдобрите хемичари од средните училишта во Република Македонија и без разлика на пласманот, треба да се горди на денешните постигнувањата.

Со почит,
СХТМ

 

Квалификационен натпревар

Квалификациониот натпревар за избор на тим кој ќе ја претставува Република Македонија на меѓународните натпреварувања по хемија е во тек (22 декември 2018). Оваа година за прв пат СХТМ ќе прати тим натпреварувачи на Интернационалната олимпијада Менделеев што ќе се одржи во април 2019 во Санкт Петербург, Русија и на Интернационалната олимпијада по хемија IChO-2019 во Париз, Франција. 30 натпреварувачи од државниот натпревар по хемија 2018 беа повикани на подготовките на Институтот за хемија кои започнаа во октомври 2018 година.

По изборот на десеттемина најдобро рангирани, ќе се продолжат подготовките во кои ќе биде вклучен дел за развивање на експериментални вештини кај учениците и ќе бидат оспособени да решаваат експериментални проблеми. 

Им посакуваме успех!

 

 

13ти Студентски конгрес на СХТМ

19-21 септември, 2019, Скопје

Вести