УЧЕСТВО НА МЕЃУНАРОДНА ЈУНИОРСКА ОЛИМПИЈАДА ПО ПРИРОДНИ НАУКИ 2017

International Junior Science Olympiad, IJSO, 2017

 

Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки е една од тринаесетте олимпијади категоризирани од Министерството за образование и наука како значајна меѓународна олимпијада за ученици од Република Македонија и за соодветен успех на некоја од овие олимпијади МОН доделува стипендии на учениците. Ова е престижна олимпијада, добра можност за учениците да го покажат своето знаење, способности и вештини, како и споредба на секоја земја со останатите земји-учеснички.

Активностите во врска со олимпијадата беа реализирани од страна на три здруженија: Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД). Овие три здруженија оваа година, за првпат, организираа селекционен натпревар за учество на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки (International Junior Science Olympiad, IJSO) кој се одржа на 25.08.2017 на Природно-математичкиот факултет во Скопје. На овој селекционен натпревар се натпреваруваа околу 60 најдобро пласирани ученици на натпреварите по физика, хемија и биологија од VIII и IX одд.

Тимот кој ја претставуваше Република Македонија на 14-тата Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки го сочинуваа следниве ученици:

  1. Мила Ивановска, ученичка во IX одд. во ООУ „Даме Груев“ – Битола, во 2017/2018 ученичка во СОУ Гимназија „Ј. Б. Тито“ – Битола.
  2. Јован Петров, ученик во VIII одд. во ООУ „Крсте Мисирков“ – Гевгелија.
  3. Константин Трипуновски, ученик во IX одд. во ООУ „Љубен Лапе“ – Скопје, во 2017/2018 ученик во СУГС Гимназија  „Р. Ј. Корчагин“ – Скопје.
  4. Христина Митреска, ученичка IX одд. во ООУ „Христо Узунов“ – Охрид, во 2017/2018 ученичка во ПСУ „Јахја Кемал“ – Струга.
  5. Јована Стојческа, ученичка во IX одд. во ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп, во 2017/2018 ученичка во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.
  6. Леонид Сајков, ученик во IX одд. во ООУ „Стив Наумов“ – Битола, во 2017/2018 ученик во СОУ Гимназија „Ј. Б. Тито“ – Битола.

Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки се одржа во Арнхем и Најмеген, Холандија од 3 до 12 декември 2017 година. Тимот го предводеа тројца водачи: Боце Митревски (ДФРМ), Марина Стојановска (СХТМ) и Елена Рафаиловска (МБД). На олимпијадата, ученичката Мила Ивановска од Битола освои бронзен медал.

Подготовките на нашиот тим за Олимпијадата се одвиваа на ПМФ во Скопје, односно на Институтот за физика, Институтот за хемија и Институтот за биологија од страна на повеќе професори и стручни соработници од ПМФ, членови на трите друштва. Подготовките се одвиваа од почетокот на септември до крајот на ноември. СХТМ изразува особена благодарност до членовите вклучени во подготовките: Проф. д-р Марина Стефова, Доц. д-р Марина Стојановска, Проф. д-р Љупчо Пејов, Татјана Илиевска и Дејан Пејовски.

На олимпијадата, учениците се натпреваруваа преку три одделни тестирања: прашања со повеќекратен избор на одговорите, теоретски дел (задачи) и експериментален дел. Во секој дел од натпреварот беа опфатени содржини од природни науки, односно од физика, хемија и биологија. Темата на 14-тата јуниорска олимпијада по природни науки беше „Вода и одржливост“, тема особено значајна за земјата-домаќин. На Олимпијадата учествуваа тимови од околу 50 земји од цел свет или околу 300 ученици, не постари од 16 години до крајот на календарската година.

Освен тестирањето, учениците имаа можност за прошетки и посети на училишта, музеи и значајни објекти во Холандија, како и за меѓусебни дружења и забава.

СХТМ изразува благодарност до Агенцијата за млади и спорт за финансиската поддршка на тимот од Република Македонија.

 

РЕЗУЛТАТИ ОД СЕЛЕКЦИОНИОТ НАТПРЕВАР ЗА
INTERNATIONAL JUNIOR SCIENCE OLYMPIAD 2017

Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД) Ве известуваат дека согласно резултатите од Првата Македонска олимпијада по природни науки, која се одржа на 25.8.2017 на Природно-математичкиот факултет во Скопје, учениците-натпреварувачи кои ќе ја претставуваат Република Македонија на 14 Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (International Junior Science Olympiad 2017) што ќе се одржи во Арнхем и Најмеген (Холандија), од 3 до 12 декември 2017 година се:

  1. Мила Ивановска, ученичка во прва година во СОУ Гим. „Ј. Б. Тито“ - Битола
  2. Јован Петров, ученик во деветто одд. во ООУ „Крсте Мисирков“ - Гевгелија
  3. Константин Трипуновски, ученик во прва година во СУГС Гим.  „Р. Ј. Корчагин - Скопје
  4. Христина Митреска, ученичка во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“ - Струга
  5. Јована Стојческа, ученичка во прва година во СОУ „Ѓорче Петров“ - Прилеп
  6. Леонид Сајков, ученик во прва година во СОУ Гим. „Ј. Б. Тито“ - Битола

Скопје, 1.9.2017

Проф. д-р Зоран Здравковски, Претседател на СХТМ

Доц. д-р Боце Митревски, Претседател на ДФРМ

Проф. д-р Сузана Д. Ќовкаровска, Претседател на МБД

 

 

Соопштение
30.06.2017

Друштвото на физичарите на Република Македонија, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и Македонското биолошко друштво ќе одржат селекционен натпревар за одредување на ученици од основните училишта кои ќе ја преставуваат Република Македонија на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки која ќе се одржи од 3 до 12 декември 2017 година во Архем и Нијмеген, Холандија. На Олимпијадата пријавено е дека ќе земат учество два тима од по три ученика од Република Македонија. Официјалната страна на Меѓународната олимпијада може да се види на следниов линк: http://ijso2017.nl

Сите информации за Македонската јуниорска олимпијада по природни науки се дадени ТУКА.

25ти Конгрес на СХТМ

19-22 септември, 2018, Охрид

Вести