Глобален женски појадок 2019

На 12.02.2019 година на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје се одржа т.н. „Глобален женски појадок“ под наслов „Empowering Women in Chemistry: A Global Networking Event“, кој се организираше на иницијативата од IUPAC, а поводот е 100 години од постоењето на IUPAC и 150 години од формирањето на таблицата на Периодниот систем. На овој настан беа пратени покани до сите жени хемичари и технолози кои се регистрирале за членови на СХТМ. Имаше интерес од голем број колешки и тоа од повеќе факултети (Институт за хемија при ПМФ, УКИМ; Технолошко-металуршки факултет, УКИМ; Факултет за земјоделски науки и храна, УКИМ; Технолошко-технички факултет, УКЛО; Факултет за биотехнички науки, УКЛО; МИТ универзитет); МАНУ; државни лаборатории (Национален Конзерваторски Центар, ЈЗУ Институт за јавно здравје на РМ, Институт за јавно здравје, ЈП Водовод, Куманово), приватни компании (Алкалоид, ГД Гранит, Кожувчанка-ДОО, Маркардт Македонија, Hitech Corporation), како и од наставнички од повеќе основни и средни училишта во Македонија.

Глобален женски појадок на Институтот за хемија, ПМФ, Скопје

СХТМ во 2019 година планира поголем број активности за одбележување на Меѓународната година на Периодниот систем, па за таа цел се придружи и на оваа иницијатива на IUPAC за организирање на женски појадок. Идејата на IUPAC за овој појадок е да се соберат жени, хемичари и технолози вработени во различен тип организации (универзитети, компании, училишта, лаборатории од приватен и државен сектор) со цел да ги споделат различни искуства во досегашната кариера, како и да се разгледаат можностите за идни соработки. За овој глобален настан во IUPAC беа пријавени 150 индивидуални појадоци, во 44 различни земји, меѓу кои и Хрватска, Србија, Бугарија, Грција...

Настанот беше координиран од доц. д-р Јасмина Петреска Станоева и проф. д-р Марина Стојановска, а на гостите им се обрати и раководителката на Институтот за хемија проф. д-р Марина Стефова. За време на овој настан се разви дискусија за интересот на учениците за природните науки и интересот на младите да студираат природни науки и да се занимаваат со наука; за влијанието на семејниот живот на кариерата на жената; за рамноправноста на жените и мажите кога станува збор за науката и за раководните функции; за предизвиците со кои жените се соочуваат итн.

доц. д-р Јасмина Петреска Станоева и проф. д-р Марина Стојановска, координаторки на настанот

За учесничките на овој настан подготвивме едно благо изненадување – чоколаден Периоден систем, во кој нема отровни елементи и сите се јадат. Сите учеснички го ставија својот потпис на постерот со неколку најпознати научнички.

Ова беше едно прекрасно искуство за сите нас и затоа изразуваме благодарност до сите кои присуствуваа на овој настан.

Учеснички на Глобалниот женски појадок

16-ти Студентски конгрес на СХТМ

27–28 октомври, 2025, Скопје

Вести