Успехот на македонскиот олимписки тим на најпрестижниот натпревар по хемија – „Интернационалната олимпијада по хемија“ (International Chemistry Olympiad – IChO), продолжува. Минатата година, беше освоен првиот медал на ова натпреварување, каде Македонија започна да учествува во 2013 година.
Превод на теориските проблеми
Оваа година, може да се пофалиме со освоени два бронзени медала. Нашите ученици Антонио Андоновски од гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, Скопје и Стефан Дамчевски од приватното средно училиште „Јахја Ќемал“, Струга се добитници на бронзените медали кои беа доделени на крајот од беспрекорно организираната, јубилејна, 50-та интернационална олимпијада по хемија. Во конкуренција од 76 земји од целиот свет и точно 300 натпреварувачи, Антонио и Стефан успеаа да се вбројат меѓу освојувачите на бронзени медали.
Антонио Андоновски од СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“, Скопје и Стефан Дамчевски од ПСУ „Јахја Ќемал“, Струга, освојувачи на бронзени медали
Освоените медали заедно со маскотата на IChO-2018
Антонио Андоновски на теорискиот испит
Сојузот на хемичарите и технолозите (СХТМ) изразува огромна благодарност на поддржувачите, особено на „Факултети.мк“ кои покажаа огромен интерес и иницијатива за промоција на нашиот тим, а исто така и актуелизирање на проблемите со кои се соочуваме. Се заблагодаруваме на издавачката куќа „Арс Ламина“ која самоиницијативно понуди помош и покажа големо разбирање за проблемите со кои се соочуваме. Благодарност и до „Агенција за млади и спорт“, која оваа година издвои финансиски средства за покривање на патните трошоци и котизацијата.
Оваа година, Олимпијадата по хемија (IChO-2018) се одржа во Братислава и Прага и е прва која се организира од две држави. Причината за тоа е што првата олимпијада била во Прага, тогашна Чехословачка, пред точно 50 години. Оваа година, двете држави ја слават и 100 годишнината од формирањето на нивниот сојуз – Чехословачка, нешто за што со гордост зборуваат и Чесите и Словаците. Беспрекорна организација, планирање до најситни детали, одличен протокол и совршено организиран настан се атрибутите кои може да се припишат за овој голем јубилеј. Домаќините се потрудиле целиот овој настан да се одвива во најдобар ред, онака како што ѝ доликува на една манифестација од овој ранг.
Олимпијадата, окарактеризирана како „потешка од минатогодишната“ во однос на натпреварувачкиот дел, беше успешна за македонскиот олимписки тим во состав:
заедно со претставниците од СХТМ, менторите: доцент д-р Миха Буклески и професор д-р Слоботка Алексовска, од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Македонскиот олимписки тим на аеродромот во Скопје (доц. д-р Миха Буклески, Стефан Дамчевски, Магдалена Златанова, Антонио Андоновски, Стефан Стојковиќ, проф. д-р Слоботка Алексовска)
Македонскиот тим на отворачето на IChO-2018
Во подготовката на овој тим учествуваа професори од Институтот за хемија при ПМФ, Скопје и тоа: доцент д-р Наташа Ристовска, проф. д-р Марина Стефова, проф. д-р Валентин Мирчески, проф. д-р Владимир Петрушевски, проф. д-р Владимир Ивановски, доцент д-р Јасмина Петреска-Станоева, сите членови на СХТМ. Секако, важно е да се спомене и улогата на менторите од средните училишта, кои се нивни главни ментори сѐ до државните натпревари по хемија, по што подготовките и менторството го продолжуваат членовите на СХТМ. Од ова се гледа дека за подготовките се заслужни голем број луѓе кои имаат свој удел и придонес, а се поврзани во еден голем комплексен систем. Не смее да се заборави и техничкиот персонал на Институтот за хемија кој помогна во организацијата и спроведувањето, како на државните натпревари, така и на подготовките, а значајно е и постојаното залагање и посветеност на претседателот на СХТМ.
Врз основа на континуираниот успех и неговото подобрување во текот на годините, особено од 2015 година кога СХТМ ја презема организацијата и изборот на олимпискиот тим, секцијата за образование во СХТМ се надева на поголема соработка од страна на надлежните институции, особено од Министерството за образование и наука. Потребна е константна поддршка на оваа активност која е од значење, не само за развојот на хемијата и науката во Република Македонија, туку и за промоција и претставување на државата на светско ниво како држава во која има квалитетно образование и ученици достојни да се натпреваруваат рамноправно, рамо до рамо, со учениците од развиените земји во светот.
Прегледување на теориските проблеми
Дел од атмосферата на практичниот испит
На 9 мај 2018 година се одржа селекциониот натпревар за избор на македонскиот олимписки тим кој се состои од 4 ученици кои ќе се натпреваруваат на престојната јубилејна 50-та Интернационална олимпијада по хемија – IChO-2018 во Братислава и Прага.
На селекциониот натпревар му претходеше квалификациониот натпревар (29.12.2017) на кој беа избрани 10-те најдобри од вкупно 30-те кои беа поканети да учествуваат на дополнителните подготовки, a беа меѓу првите 10 од секоја категорија (I – III) на последно одржаниот државен натпревар. Подготовките континуирано се одржуваа на Институтот за хемија и по квалификациониот натпревар.
Селекциониот натпревар се состоеше од два дела, теориски и експериментален и секој траеше по 3 часа. На теорискиот дел беа дадени вклупно 6 комплексни проблеми, а експерименталниот дел се состоеше од 3 експерименти. Проблемите опфаќаа различни области од хемијата и тоа: општа и неорганска хемија, аналитичка хемија, органска хемија и физичка хемија.
Врз основа на остварените резултати од селекциониот натпревар, како и целокупната ангажираност на учениците и резултатите постигнати на државниот натпревар, според правилникот на СХТМ за избор на олимпискиот тим, комисијата за натпревари по хемија ја направи селекцијата и ги избра:
да бидат членовите од олимпискиот тим кои ќе се натпреваруваат на IChO-2018.
Ментори-водичи на македонската екипа ќе бидат:
СХТМ им посакува успешна работа во понатамошниот период и многу успех и среќа на престојната интернационална олимпијада.
Подготовките за „Интернационалната олимпијада по хемија (International Chemistry Olympiad IChO) 2018“ започнаа уште во ноември 2017 година. Членовите од СХТМ од Институтот за хемија посветено работат со селектираните ученици, ученици кои на циклусот натпревари во 2017 година покажаа најдобри резултати. 30 од нив, по двомесечните подготовки, беа тестирани и 11 се квалификуваа за понатамошните активности кои вклучуваат и решавање експериментални проблеми. Ова се учениците од селектираната група за подготвки:
Име и презиме |
Училиште |
Град |
|
1 |
Антонио Андоновски |
Раде Јовчевски-Корчагин |
Скопје |
2 |
Стефан Стојковиќ |
Раде Јовчевски-Корчагин |
Скопје |
3 |
Алма Усеин |
Јане Сандански |
Струмица |
4 |
Магдалена Златанова |
Јахја Кемал |
Струмица |
5 |
Стефан Дамчевски |
Јахја Кемал |
Струга |
6 |
Руфија Идризовска |
Јахја Кемал |
Гостивар |
7 |
Сања Василева |
Јане Сандански |
Струмица |
8 |
Давид Христов |
Орце Николов |
Скопје |
9 |
Клементина Бусева |
Јане Сандански |
Струмица |
10 |
Мартин Николов |
Кочо Рацин |
Св. Николе |
11 |
Емил Николов |
Орце Николов |
Скопје |
Оваа година јубилејната (50-та по ред) „Интернационална олимпијада за хемија“ ќе се одржи во две држави Чешка и Словачка, во чест на тоа што првата Интернационална олимпијада била одржана во тогашна Чехословачка. Меѓу другото (подготовка, организација и спроведување на натпреварите на сите нивоа), активностите на СХТМ вклучуваат и обезбедување финансиски средства за македонскиот олимписки тим, што е најнепријатниот и најмакотрпниот дел за СХТМ.
Според правилата на IChO, организаторот обезбедува сè што е потребно за време на натпреварот за тимот составен од 4 ученици и 2 водичи-ментори, a обврска на учесниците е да уплатат котизација за учество и да допатуваат до местото на одржување. Република Македонија, до сега пет пати учествувала на IChO, а СХТМ по четврти пат е организатор и предводник на македонскиот олимписки тим.
Знаејќи дека:
- СХТМ е непрофитна организација и подготовките за IChO ги реализира со доброволен ангажман на кадарот од Институтот за хемија, ПМФ, УКИМ, Скопје
- Ентузијазмот и желбата на нашите млади вљубеници во хемијата да се натпреваруваат со врсниците од светот се големи
а, за да не ја изгубиме мотивираноста на учениците, нивниот интерес кон хемијата и желбата за натпревар на светската сцена,
Ве молиме за поддршка на учеството на нашата екипа на IChO 2018.
Средствата се потребни за патни трошоци и котизација за натпреварот. Доколку постои интерес од Ваша страна да нѝ излезете пресрет, ние сме подготвени да Ви ги доставиме сите потребни документи и да воспоставиме меѓусебна соработка. Поддршката многу нѝ значи!
Контакт:
Сојуз на хемичарите и технолозите на Македонија
Институт за хемија, Архимедова 5, 1000 Скопје
тел: 070 225-394, 02 324-9926
http://www.sctm.mk, zoran@ukim.edu.mk
СХТМ Скопје,
жиро с-ка: 300000001352895 Комерцијална банка,
даночен број: 4030954350704,
цел на дознака: активности на СХТМ 2018
27–28 октомври, 2025, Скопје