Соопштение
22.7.2025

Трет најдобар резултат за успешно решен експериментален проблем на светско ниво во рамките на Меѓународната олимпијада по хемија

Марио Ванчоски постигна трет најдобар резултат на светско ниво за експерименталниот дел од Меѓународната олимпијада по хемија. Во конкуренција од 354 ученици од 90 држави од целиот свет, Марио успеа да го сработи практичниот на најдобар можен начин, рационално и прецизно, добивајќи одлични резултати од анализите и експериментите.
Оваа година, македонскиот олимписки тим за хемија успеа да оствари извонредни резултати. На Меѓународната олимпијада по хемија – Менделеев, која се одржа во Бело Хоризонте, Бразил тимот се закити со два бронзени медала и тоа:

  • Марио Ванчоски од гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип и
  • Петар Мирчевски од гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп

На Меѓународната олимпијада по хемија – IChO, која се одржа во Дубаи, Обединети Арапски Емирати, тимот освои еден сребрен медал, еден бронзен медал и една пофалница, и тоа:

  • Средбрен медал за Марио Ванчоски од гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип
  • Бронзен медал за Петар Мирчевски од гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп
  • Пофалница за Теона Ана Георгиевска од средното училиште „Јахја Кемал“ од Скопје

Подготовките за учество на олимпијадите беа напорни, тешки и долготрајни. По државниот натпревар во јуни 2024 година, најдобрите 10 ученици од секоја категорија беа повикани на теоретски подготовки на Институтот за хемија. На овие подготовки, учениците се здобија со проширени знаења од областа на математиката (диференцијално и интегрално сметање), како и проширени знаења од општа, аналитичка и физичка хемија. По овие подготовки се направи избор на вкупно 10 ученици кои од јануари 2025 година продолжија со експериментални и теоретски подготовки за учество на Менделеевата олимпијада. Кон крајот на февруари се одржа првиот селекционен натпревар за избор на тимот кој учествуваше на оваа олимпијада. Во тимот, учество обезбедија (Слика 1):


1.

Петар Мирчевски

IV год.

СОУГ „Мирче Ацев"

Прилеп

2.

Марио Ванчоски

IV год.

СОУГ ,,Славчо Стојменски''

Штип

3.

Елена Живаљевиќ

IV год.

ПСУ „Јахја Кемал“

Скопје

4.

Теона Ана Георгиевска

III год.

ПСУ „Јахја Кемал“

Скопје

5.

Иван Костевски

IV год.

СОУГ ,,Славчо Стојменски''

Штип

6.

Даниел Христов

III год.

СОУГ ,,Славчо Стојменски''

Штип

Слика 1. Учесниците на IMChO-2025. Од лево: Миха Буклески (ментор), Петар Мирчевски (учесник, бронзен медал), Даниел Христов (учесник), Теона Ана Георгиевска (учесник), Марио Ванчоски (учесник, бронзен медал), Елена Живаљевиќ (учесник), Иван Костевски (учесник).

 

Како резултат на тоа што двете олимпијади временски беа блиску една до друга, селекцијата за IChO беше направена веднаш пред заминувањето на тимот на Менделеевата олимпијада (крајот на април). Според резултатите, во тимот се пласираа (Слика 2):


1.

Марио Ванчоски

IV год.

СОУГ ,,Славчо Стојменски''

Штип

2.

Петар Мирчевски

IV год.

СОУГ „Мирче Ацев"

Прилеп

3.

Теона Ана Георгиевска

III год.

ПСУ „Јахја Кемал“

Скопје

4.

Елена Живаљевиќ

IV год.

ПСУ „Јахја Кемал“

Скопје

 

Слика 2. Учесниците на IChO-2025. Од лево: Миха Буклески (ментор), Петар Мирчевски (учесник, бронзен медал), Елена Живаљевиќ (учесник), Марио Ванчоски (учесник, сребрен медал), Теона Ана Георгиевска (учесник, пофалница), Слоботка Алексовска (ментор).

 

За прв пат, експерименталниот дел не беше реализиран во хемиски лаборатории, туку во голема хала во која беа поставени маси со работни места за секој ученик (Слика 3). Секое место беше опремено со потребниот инвентар и опрема за непречена изработка на зададените експериментални проблеми. Овој дел од натпреварот траеше 5 часа, исто колку и теоретскиот.

 

Слика 3. Изглед на халата во која учениците, прво го работеа експерименталниот дел од натпреварот, а потоа и теоретскиот дел.

Задачата на менторите од сите држави учеснички на олимпијадата е да ги разгледаат проблемите, да дадат забелешки, исправки, а на крај и да ги одобрат по пат на гласање. Овие состаноци (Слика 4) за проблемите се долготрајни и оваа година траеја 9 h до раните утрински часови, како за експерименталниот, така и за теоретскиот дел. По состаноците, менторите имаа за задача да ги преведат тестовите на јазикот на кој се натпреваруваат учениците.

 

Слика 4. Дел од атмосферата на состаноците на кои се дискутираше за експерименталните и теоретските проблеми на олимпијадата.

 

Пласманот во текот на годините се подобрува, како на најдобро рангираниот ученик (Слика 5 а), така и екипно (Слика 5 б). Македонскиот тим, традиционално покажува солидни резултати во однос на експерименталниот дел од натпреварот, но оваа година, Марио Ванчоски покажа извонреден резултат кој значително ги надмина остварувањата на сите претходни учесници (Слика 6). Имено, во однос на бројот на поени, тој беше третиот најдобар ученик во однос на сите 354 кои се натпреваруваа. Добрите резултати на експерименталниот дел се должат и на солидните подготовки на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје (Слика 7).

 

Слика 5. Подобрување на пласманот низ годините на (а) ученикот со највисок вкупен број поени; нормализирани според бројот на учесници и максималниот број освоени поени од ученикот со највисок пласман, (б) кумулативниот резултат на македонскиот тим, нормализиран во однос на бројот на тимовите од сите држави-ученици и максималниот број поени од најдобриот тим.

 

Слика 6. Подобрување на пласманот низ годините за ученикот со највисок број поени за експерименталниот дел, нормализирано според бројот на учесници и максималниот број освоени поени од најдобро пласираниот ученик. Вметнатиот график ги прикажува постигнувањата до 2024 година, каде што може подобро да се забележи подобрувањето на пласманот до таа година. Прекинот во годините е резултат на олимпијадите одржани на далечина, кога отсуствуваше експерименталниот дел од натпреварот.

 

Слика 7. Дел од атмосферата на Институтот за хемија, Природно-математички факултет, при подготовките за олимпијадите.

Посветеноста, знаењето и тимскиот дух ја водат науката напред, а нашите млади хемичари докажаа дека со упорност, стратешка подготовка и љубов кон хемијата, не само што може да се постигнат извонредни резултати и да се освојуваат медали, туку и да се испишуваат нови страници што ја ставаат Македонија на глобалната мапа на знаењето и хемијата.

 

Соопштение
21.8.2024

Почитувани ученици и наставници,


По успешно завршената 2024 година, СХТМ ги започнува активностите за следниот циклус селекциони натпревари за Македонската хемиска олимпијата и Интернационалните олимпијади по хемија.
Најдобро пласираните од секоја категорија на државниот натпревар 2024 (IX-то одд.; I, II и III година од учебната 2023/2024) добија покана по електронска пошта да се пријават за учество на подготовките и селекционите натпревари за составување тим кој ќе учествува на олимпијадите по хемија во 2025 година.

Доколку не добивте покана, а имате освоено I, II или III награда на државните натпревари, обратете се кај проф. Миха Буклески (mihabukleski@pmf.ukim.mk) најдоцна до 30 август.

Со почит,
СХТМ

16-ти Студентски конгрес на СХТМ

27–28 октомври, 2025, Скопје

Вести