Соопштение
17.12.2019

Меѓународна олимпијада по природни науки
3-12.12.2019 година, Доха, Катар

Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки е една од тринаесетте олимпијади категоризирани од Министерството за образование и наука како значајна меѓународна олимпијада за ученици од Република Македонија и за соодветен успех на некоја од овие олимпијади МОН доделува стипендии на учениците. Оваа година 16. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки се одржа во Доха, Катар, од 3 до 12 декември 2019 година и учествуваа рекорден број учесници, односно 409 натпреварувачи од 70 држави во светот. Настанот беше организиран од страна на Министерството за образование и високо образование во соработка со Универзитетот во Катар.

На прогласувањето на најдобрите олимпијци на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки во арената во Доха, Катар македонскиот тим се закити со пет медали – две сребра и три бронзи. На свечената церемонија присуствуваше и амбасадорот на Македонија во Катар, г-дин Драган Јордановски.

Шестте ученици, кои беа најдоброрангирани на вториот селекционен натпревар и ја претставуваа Македонија на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки 2019 се:

  1. Мајкл Георгиевски, ученик во прва година во гимназијата „Добри Даскалов“, Кавадарци (сребрен медал),
  2. Никола Спировски, ученик во деветто одделение во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, Скопје (сребрен медал),
  3. Емилија Николовска, ученичка во деветто одделение во ООУ „Григор Прличев“, Охрид (бронзен медал),
  4. Матеј Гелев, ученик во деветто одделение во ООУ „Блаже Конески“, Велес (бронзен медал),
  5. Стефан Дрмач, ученик во прва година во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје (бронзен медал),
  6. Теона Кировска, ученичка во прва година во средното училиште „Кочо Рацин“, Свети Николе.

.

Нив ги предводеа менторите проф. д-р Боце Митревски од Институтот за физика, проф. д-р Марина Стојановска од Институтот за хемија и м-р Лозенка Иванова од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Им честитаме на сите ученици за одличното претставување на Македонија на оваа олимпијада и се заблагодаруваме на сите професори и стручни соработници од ПМФ, членови на трите здруженија, кои учествуваа во подготовките.

Следната 17. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки ќе се одржи од 2 до 12 декември 2020 година во Франкфурт, Германија.

.

.

.

Со почит,
Проф. д-р Ламбе Барандовски, Претседател на ДФРМ   
Проф. д-р Зоран Здравковски, Претседател на СХТМ  
Проф. д-р Сузана Ќовкаровска Диневска, Претседател на МБД

 

Соопштение
26.08.2019

По одржаните два селекциони натпревари на кои учествуваа најдобро рангираните ученици од основните училишта на Државните натпревари по физика хемија и биологија на 28 јуни и 23 август 2019 година, беа избрани следните шест ученици да ја претставуваат Македонија на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки 2019 која ќе се одржи од 3 до 12 декември 2019 година во Доха, Катар:

 

1. Мајкл Георгиевски, ученик во деветто одделение во ООУ „Гоце Делчев “ – Кавадарци,

2. Емилија Николовска, ученичка во осмо одделение во ООУ „Григор Прличев“ – Охрид,

3. Никола Спировски, ученик во осмо одделение во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ – Скопје,

4. Матеј Гелев, ученик во осмо одделение во ООУ „Блаже Конески“ – Велес,

5. Стефан Дрмач, ученик во деветто одделение во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ – Скопје,

6. Теона Кировска, ученичка во деветто одделение во ООУ „Гоце Делчев“ – Свети Николе.

 

На учениците им посакуваме успех и достојно преставување на нашата држава на оваа Олимпијада.

 

ДФРМ, СХТМ, МБД

Соопштение
28.06.2019

На 28.06.2019 година во просториите на Природно - математичкиот факултет во Скопје, во организација на Друштвото на физичарите на Република Македонија, Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и Македонското биолошко друштво беше организиран Првиот селекционен натпревар по природни науки. На натпреварот учествуваа 38 ученици од кои 14 ученици се покануваат на Вториот селекционен натпревар кој ќе се одржи на 23.08.2019 година и на кој ќе се одбере тимот ученици кои ќе ја преставуваат нашата држава на 16. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки која ќе се одржи од 3 до 12 декември 2019 година во Доха, Катар.

Преземи ги резултатите
Преземи список на литература за подготовка за Вториот селекционен натпревар

Соопштение
27.05.2019

16 Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO 2019)

Почитувани ученици,

Меѓународната олимпијада за природни науки 2019 година ќе се одржи во Доха, Катар од 3 до 12 декември 2019 година. 
Информации за процедурата за избор на македонската екипа се дадени во овој документ.

Подготвувајте се!

Срдечен поздрав,
Сојуз на хемичарите и технолозите на Македонија,
Секција за хемиско образование

 

 

16-ти Студентски конгрес на СХТМ

27–28 октомври, 2025, Скопје

Вести