Соопштение
4.12.2025
Почитувани,
На 22 и 29 ноември 2025 година се одржа манифестацијата „Ноември - месец на науката“ на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Оваа година главен организатор беше Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, а се вклучија и Македонското биолошко друштво, Македонското географско друштво, Сојузот на математичарите на Македонија, Македонското еколошко друштво и Скопското и македонското астрономско друштво.
На настанот учествуваа:
· 399 ученици од основните училишта, кои се претставија со 223 експерименти;
· 172 ученици од средните училишта, кои се претставија со 103 експерименти;
· 117 наставници од основните училишта и
· 56 наставници од средните училишта.
На првиот ден од манифестацијата учениците и нивните ментори имаа можност да проследат и едно пленарно предавање, како и „Хемиски спектакл“. Беа реализирани и 6 едукативни работилници за учениците, а за тоа време нивните наставници присуствуваа на презентации во кои разменуваа искуства со колегите. Најдобрите 277 ученици добија дипломи за I, II и III награда.
Вториот ден од манифестацијата беше збогатен со 3 инспиративни пленарни предавања, 4 едукативни работилници и активности за наставниците. Најдобрите 154 ученици беа наградени со дипломи за I, II и III награда.


Со искрена благодарност го завршуваме ова издание на „Ноември месец на науката“, настан што не би бил можен без поддршката и посветеноста на многу луѓе. Упатуваме огромна благодарност до:
· Здружението на млади хемичари чии членови, нашите студенти-волонтери, беа срцето на настанот: работеа напорно и со огромна љубов, секогаш насмеани и подготвени да помогнат во сите големи акции, но и безброј мали, но пресудни задачи;
· компанијата Вардар Доломит, која несебично го поддржа настанот и ни помогна да обезбедиме награди за најуспешните ученици;
· сите членови на комисиите за оценка на експериментите – за нивната стручност, објективност и време посветено на оценување, советување и поддршка на младите таленти.
Заедно реализиравме настан за инспирирање и поттик на младите истражувачи – и веќе се радуваме на следното издание!





Со почит,
д-р Пеце Шеровски
м-р Маринела Цветаноска
СХТМ
Соопштение
25.6.2025
Драги ученици и наставници,
со задоволство Ви најавуваме дека манифестацијата за популаризација на природните науки „Ноември - месец на науката“ и оваа година ќе се одржи на Природно-математичкиот факултет во Скопје а Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија ќе биде главен организатор со помош од Сојузот на математичарите на Македонија (СММ), Македонското биолошко друштво (МБД), Македонското географско друштво (МГД), Македонското еколошко друштво (МЕД), Македонското и Скопското астрономско друштво (МАД, САД).
Настанот „Ноември - месец на науката“ е отворен за сите ученици од основните и средните училишта, како и за нивните наставници по природните науки – математика, биологија, хемија и географија. И ова научно патување ќе се одвива во текот на два викенди во ноември 2025 година и ќе вклучува различни активности како: научно-популарни предавања, натпревар во експерименти/изработки/ симулации/модели од ученици, размена на искуства од наставници, работилници, посета на лаборатории на ПМФ и други активности.
Датумите и деталите за пријавувањето ќе бидат објавени на почетокот на учебната 2025/26 година.
Ви посакуваме пријатен одмор!
Со почит,
Проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, претседател на СММ
Проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на СХТМ
Проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска, претседател на МБД
Проф. д-р Христина Димеска Трајкова, претседател на МГД
Проф. д-р Славчо Христовски, претседател на МЕД
Проф. д-р Даворин Трпески, декан на ПМФ
27–28 октомври, 2025, Скопје